Васил Атанасов – Еден од најпрепознатливите интерпретатори на македонската народна песна
Во денешниот „Музички Времеплов“, повторно се враќаме во Струмица – градот кој на македонската музичка сцена ѝ подари бројни незаборавни имиња и безвременски хитови. Денес се потсетуваме на животот и богатото музичко творештво на Васил Атанасов, еден од најпрепознатливите гласови на македонската народна песна, уметник чии песни и денес будат емоции и остануваат длабоко врежани во срцата на љубителите на македонскиот фолк.

Васил Атанасов е роден на 18 мај во струмичкото село Дабиле, од таткото Спасо и мајката Аница Атанасови. Тој уште од најрана возраст ја покажал својата љубов кон музиката. Основното образование го завршува во Струмица, а паралелно посетува и настава во Нижото музичко училиште „Боро Џони“, каде започнуваат неговите први сериозни музички чекори.
По завршувањето на Средното музичко училиште во Штип, каде бил избран за еден од најдобрите вокали во градот, Васил Атанасов станува член на повеќе музички состави, настапувајќи како вокален солист и инструменталист на труба.

Неговите професионални почетоци на македонската естрада датираат од периодот на студирањето на Музичката академија во Скопје. Во тој период, заедно со оркестарот на легендарниот Ферус Мустафов, ја снима својата прва грамофонска плоча за познатата дискографска куќа „Југотон“ од Загреб, на која се наоѓаат песните „Живот мени даје снаге“ и „Познајем те, вратичеш се ти“.
Со самото формирање на фестивалот Фолк Фест Валандово, Васил Атанасов станува дел од неговата историја. Во 1988 година за првпат се претставува како композитор со песната „Срцето ми гори за Христина“, изведена од Борис Грковски.
Една година подоцна, во 1989 година, за првпат настапува и како интерпретатор, во дует со Зорица Танковска, со песната „Мајко моја“ од Тодор Трајчевски, за која ја освојуваат наградата за најдобри дебитанти на фестивалот.
По дипломирањето на Музичката академија, својата професионална кариера како професор по музика ја започнува во Нижото музичко училиште во Кавадарци, каде предава клавир и труба. Подоцна работи во Средното машинско училиште „Никола Карев“ во Струмица, а потоа и во Основното училиште „Гоце Делчев“ во Вељуса, каде останува сè до 1995 година, кога заминува да живее и работи во Германија.
Од 1989 до 1995 година редовно настапува на Фолк Фест Валандово, а својот најголем успех го постигнува во 1993 година со легендарната песна „Кој нѐ раздели“, за која музиката ја создава самиот, текстот е на Орце Зафировски, а аранжманот на Томислав Таневски.

Песната станува вистински хит во Македонија и ги освојува:
- Втората награда од публиката на „Фолк Хит на годината“;
- Наградата од списанието „Екран“ за најслушана песна на годината;
- Наградата од слушателите на Македонското радио за најслушана песна помеѓу две изданија на Фолк Фест Валандово.
Со текот на времето, „Кој нѐ раздели“ прерасна во безвременски класик на македонската народна музика и останува една од најемотивните песни создадени на македонската фолк сцена.
Од 1992 година па натаму, Васил Атанасов е редовен учесник и на многу други значајни музички фестивали во Македонија, меѓу кои:
- Фолк Фест „Цветници“
- „Гоце Фест“
- Фолк Фест „Тетовски филиграни“
- Фолк Фест „Сенатор“
- „Фолк Хит на годината“
- Фолк Фест „Охридски трубадури“
Во 1993 година ја издава својата прва аудио касета за Македонската телевизија под наслов „Сите пеат, а јас тагувам“, именувана по големиот хит „Кој нѐ раздели“.
Во 1995 година го издава своето второ музичко издание – аудио касета и компакт-диск „Васил Атанасов бр. 2“, во продукција на „Сенатор“ од Битола, на кое се наоѓаат и песните:
- „Прости ми за сите гревови“ (дует со Благица Калева)
- „Роденденска песна“ (дует со неговиот син Горан Атанасов)
Покрај легендарната „Кој нѐ раздели“, Васил Атанасов зад себе остави бројни незаборавни хитови:
- „Тажна недела“
- „Гитаро моја“
- „Расти сине мој“
- „Ќе пијам да се опијам“
- „Немој мајко“
- „Не жали за мене“
- „Нигде не е како дома“
- „Ана Марија“
- „Бегај дома“
Во 2006 година го издава и своето прво ДВД издание „Бегај дома“, во продукција на „Дигитал Фото Сара“ од Струмица.
На 8 септември 2011 година, по повод 20 години од независноста на Република Македонија, Македонската телевизија во соработка со Агенцијата за млади и спорт го реализираше големиот проект „Најдоброто од Македонија“, посветен на најзначајните музички остварувања во последните две децении.

Во рамките на овој проект, песната „Кој нѐ раздели“ се најде на високото 10-то место и влезе во антологијата на македонската новокомпонирана народна песна.
Со своето богато творештво, искрена интерпретација и препознатлив вокал, Васил Атанасов останува запаметен како еден од најеминентните интерпретатори на македонската народна музика и горд претставник на Струмица и македонската музичка сцена.
Покрај своите најголеми хитови, Васил Атанасов зад себе остави богато музичко наследство исполнето со песни за љубовта, животот, разделбите и судбините на обичниот човек. Неговите интерпретации остануваат препознатливи по искреноста, емоцијата и автентичниот македонски мелос.
Во октомври 2021 година, по подолго боледување, Васил Атанасов почина во Германија. Но, неговиот глас и неговите песни продолжуваат да живеат. Тие и понатаму одекнуваат на радио брановите, на семејните прослави и во срцата на сите љубители на македонската народна музика.
Импулс Радио 107.4 FM Струмица со особена почит се потсетува на ликот и делото на Васил Атанасов – уметник кој остави неизбришлива трага во македонската музичка ризница и чие творештво ќе продолжи да живее и кај идните генерации.














