Музичката легенда на Струмица чии песни и дело засекогаш ќе живеат

Драги наши читатели/ки , во овој пост со голема гордост и задоволство ви го претставуваме еден од најзначајните и најтрајни имиња на струмичката музичка сцена – Костадин Стојанов – Дине, познат меѓу Струмичани како Дино Попо. 
Роден е на 16.08.1958 година во Струмица.

Основното и средното образование ги завршува во родниот град. Уште од најрана возраст се пројавува неговиот природен дар за пеење и неизмерната љубов кон музиката.
Како дете бил член на школскиот хор при Основното училиште „Моша Пијаде“, а особено активно учествувал во црковниот хор при храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица. 

Таму постарите членови на хорот, восхитени од неговиот јасен и звонлив глас, го викале „детето ѕвонче“.
Кон крајот на средното образование, заедно со свои истомисленици и другари, ја формира првата група БИСЕРИ, со која официјално го започнува својот естраден пат. Неколку години подоцна, околу 1978/1979 година, заедно со Љубе Челебиев, Ристо Пераклиев, Никола Патарoв – Лешкаро и други музички ентузијасти, ја создава групата ЖАР.

Оваа група брзо станува многу популарна и успешно котира низ целиот југоисточен дел на земјата.На почетокот на 1980-тите групата го менува името во МАКЕДО 5 и продолжува со активен ангажман до крајот на 1985 година, кога Дине заминува на отслужување на воениот рок.
По враќањето од Армијата, формира нова група – UNO, во која покрај него членувале Коста Бозов, Илија Даов, Тимо Бабулов, Тони Димов и повторно Никола Патарoв – Лешкаро. Со UNO Дине и неговите колеги поставуваат нови стандарди во локалната естрада.

Настапувале во најпрестижните и најреномираните хотели низ поранешна Југославија, а бината ја делеле со големи имиња од тоа време како Сребрени Крила, Бајага, Нови Фосили, Плава Трава Заборава и многу други познати југословенски ѕвезди.
Еден од најзначајните моменти во неговата кариера е 1993 година, кога на Цветници ја изведува песната „Скитник“. Музиката ја напишал Ристо Крапиевски, а текстот нашата позната Струмичанка Натка Анчева.

Оваа песна и до денес се пее и се изведува од поновите генерации изведувачи.Потоа следуваат настапи на Гоце Фест, каде ја пее песната „Славеј“ од нашиот истакнат обоисти и тогашен директор на Македонската филхармонија, Васил Атанасов.
На Фолк Фест Валандово настапува заедно со Горан Кукиќ и група Јупитер со песната „Ката вечер, добра вечер“ (текст: Натка Анчева, музика: Драги Станков), која исто така оставила силен впечаток кај публиката.

Дине бил и долгогодишен активен член на волонтерскиот Катедрален хор „Успение на Пресвета Богородица“ од Струмица.
Со овој хор ја снимил „Божествената Литургија“ на Свети Јован Златоуст и учествувал на црковни концерти во Србија, Хрватска, Германија и Словачка, со што го претставувал и нашиот град и нашата црковна музика на меѓународна сцена.

Дино Попо и денес останува синоним за квалитетна музика, посветеност и љубов кон родниот град. Неговата кариера е убав пример за талент, упорност и верност кон музиката низ повеќе децении.








