Денес Гоце Арнаудов би наполнил 72 годиниНа 19 август 1954 година, во Струмица, се роди еден од најголемите гласови на македонската народна музика – Гоце Арнаудов. 

Денес, кога би бил жив, ќе празнуваше 72-ри роденден. Иако физички нѐ напушти на 6 декември 2011 година, неговата музика, енергијата и љубовта кон песната остануваат живи во срцата на илјадници Македонци.
Гоце уште како дете покажал исклучителен талент.
На само десет години почнал да свири гитара и да пее во групата на својот татко. 
По завршувањето на средното образование ја формирал групата „Крик“, со која настапувал низ цела поранешна Југославија.

По враќањето во Македонија во 1993 година, неговата кариера добила нов, незапирлив залет. Само една година подоцна, на Фолк фест Валандово, со песната „Дали чекаш стара мајчице“ ги освоил сите можни награди.
Таа песна стана класика и до ден-денес е една од најомилените македонски народни песни. Во наредните две децении Гоце Арнаудов стана синоним за енергија, искреност и патриотизам на македонската естрада. Напишал и снимил над 200 песни, учествувал на стотина фестивали и на повеќе од 60 од нив го освоил првото место.

Пет години по ред бил прогласуван за најпопуларна личност во Македонија.
Неговите настапи предизвикувале еуфорија, а публиката го сакала не само поради гласот, туку и поради неговата скромност и искреност кога ќе слезел од сцена. Меѓу неговите најпознати хитови се вбројуваат:
- „Дали чекаш стара мајчице“
- „Свири мајсторе“
- „Ех да беше стрела песната“
- „Ќе пијам ќе лумпувам“
- „Полни бре меанџијо“
- „Проклети да се предавниците“
- „Што ќе остане од Македонија“
Во 2000 година, во родниот град Струмица, одржал концерт на стадионот пред околу 10.000 луѓе.
Тогаш му била доделена наградата „Пејач на деценијата“ и бил прогласен за почесен граѓанин на Струмица.Гоце беше повеќе од пејач. Беше патриот чии песни често зборуваа за Македонија, за љубовта кон татковината и за болките на народот.
Беше сопруг на Силвија и татко на Харита, Оскар и Кристина Арнаудова, која го продолжи музичкото семејно наследство.
И покрај тешката болест, тој продолжуваше да настапува и да се бори. На 6 декември 2011 година, на 57-годишна возраст, ја изгуби битката со ракот.
Погребан е во родната Струмица, градот што го сакаше и кој него го сакаше.

Денес, на денот кога би требало да ги дувне свеќичките за 72-ри роденден, неговите песни сè уште се слушаат на свадби, во кафулиња, на радиостаниците и низ домовите низ цела Македонија и дијаспората. Легендите не умираат – тие продолжуваат да живеат преку музиката.
Вечна слава и спомен на големиот Гоце Арнаудов!
Неговата песна ќе живее додека има Македонци што ја слушаат.



